И поранешниот директор на ЕЛЕМ Христијан Мицкоски и актуелниот Драган Миновски ставиле потпис на одлуките со кои фирмата на вицепремиерот Кочо Анѓушев, „Фероинвест“ во два наврата добила дел од тендерот за набавка на гумени траки. Алсат М дојде до двете одлуки, првата донесена на 10-ти јули, втората на 15 – ти август. И на двата датума Анѓушев веќе беше седнат во вицепремиерската фотелја. На двете аукции „Фероинвест“ е избран за најповолен понудувач за истите три од вкупно петте ставки. Откако и двете се поништени, ќе има трето наддавање, кое како што дознава Алсат М, најверојатно ќе се одржи во петок. Од менаџментот на „Фероинвест“ објаснуваат дека тендерската документација ја поднеле на 13 април, повеќе од месец и половина пред изборот на новата Влада. Категорични се дека ќе учествуваат и на третата аукција, дури и доколку Анѓушев побара од нив да се повлечат од тендерот во државната компанија.

„Фероинвест“ не само сега, туку и во иднина ќе учествува на сите оние тендери каде што има свој деловен интерес и каде што може да го оствари својот деловен потфат, бидејќи во групацијата „Фероинвест“ се вработени 800 луѓе. Истата има склучено договори не само во земјата туку најголем дел во странство и истите мора да се почитуваат до крај. Затоа, секоја алузија на содружничката структура и на вицепремиерот ја сметам за злонамерна и излишна.“ – изјави Ратко Георгиевски, управител на „Фероинвест“

Според Георгиевски, на овој начин апсолутно нема да се наруши угледот на Анѓушев, кој е еден од тројцата основачи на компанијата. Од Антикорупциската комисија велат дека во случајот не постои судир на интереси. Сепак, според претседателот Игор Тантуровски, секој кој е на јавна функција мора да го има предвид и моралниот аспект.

„Јас ја слушав изјавата на Анѓушев, се согласувам со него дека фирмата треба да продолжи да работи, дека таму има преку 800 вработени лица и дека тоа е нормална работа тие да продолжат да работат, но етичкиот и моралниот дел како заменик претседател на Владата тоа треба да го носи самиот сопственик на фирмата.“ – рече Игор Тантуровски, претседател на ДКСК

Денеска во одбрана на Анѓушев застана и премиерот Зоран Заев преку интересна споредба со неговите семејни бизниси.

„Дали тоа значи дека семејството на Заев, кој што произведува ајвар, ниту една од државните институции не треба да конзумира ајвар, каде што треба да има исхрана многу често предвидена и во заедничка менза. Фирмите во Македонија мора да живеат и треба да работат.“ – изјави Зоран Заев, премиер

Тендерот за набавка на гумени траки за потребите на РЕК Битола, вреден околу 2,6 милиони евра беше поништен во два наврата по жалби поднесени од учесниците во постапката.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me