Новоизбраниот Извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ не може да понуди ништо спектакуларно во поглед на досегашното делување, смета политичкиот аналитичар Агим Јонуз. Анализирајќи го тимот од новите членови и нивниот политички бекграунд во политичко – извршниот орган на опозициската партија, неговиот впечаток е дека ВМРО ДПМНЕ е се уште под влијание на претходното раководство.

„Ако тргнеме од податокот дека претседател на ВМРО ДПМНЕ е генерален секретар кој до вчера бил десна рака на претседателот, ако ја видиме структурата на луѓето внатре кои се избрани демократски со по еден претставник како можност за избор, многу лесно да се заклучи дека политиката на неотстапување, барем не спектакуларно од политиката која досега ја гледавме дека може да очекуваме. Мој личен впечаток е дека се уште ВМРО ДПМНЕ е во сенката на фамилијата и се уште не се спремни за да покажат дека реформите или промените кои ги навестуваат носат нешто ново“, оценува Јонуз.

Иако дел од Извршниот комитет стана и еден од членовите на реформаторската група кои бараа внатрепартиски промени, сепак Јонуз смета дека доколку партијата прифатела поголем дел од нивните барања, актуелниот состав би бил многу поразличен. Во поглед на политичкото дејствување, во време кога е отворено прашањето за промена на името, Јонуз е на ставот дека партијата ќе ја зајакне реториката на мегапатриотизам.

„Не гледам друга причина поради која они би можеле да се обратат кон јавноста и да бараат глас и поддршка. Може за нив е добра храна она што не очекува оваа година, бидејќи спектакуларноста во вид на ветувања од економски карактер и буџетски успеси го видовме со разни проекти кои завршуваат во судски процеси. Тоа подразбира дека ВМРО во овој момент е побледа и помека копија на она што народот или моменталната позиција го деинсталира“, додава Јонуз.

26 лица брои новиот Извршен комитет на партијата, за кој претседателот Христијан Мицковски изјави дека може и да се проширува. Во него, немаше место за досегашните членови Илија Димовски, Антонијо Милошоски и Трајко Вељаноски, но не е исклучена можноста повторно да бидат дел од партиските структури.

Shpërndaj me