Скандалот со прислушувањето е главниот тест дали судството ќе излезе од политичко влијание и ќе се реформира во интерес на граѓаните или проблемите во овој сектор ќе се продлабочат. Судството и да го расчисти скандалот со прислушувањето, од овој процес ќе излезе со последици, велат од Институтот за европска политика. Предупредуваат и дека решенијата за реформи во судството предложени од опозицијата, мора внимателно да се спроведат.

„Предлагањето на целосен реизбор е голем ризик, такви нешта сега се случуваат во Албанија, имаше обид и во Србија, тоа би можело да биде само краен резултат доколку судството само одвнатре не се избори за реформи, што би било многу одржливо решение“, вели Др. Малинка Ристевска Јорданова, директорка на ЕПИ.

Мониторингот покажува дека довербата во судството е на ниско ниво, дека има одложување на рочиштата и дека проблемот е во судските институции.

„Независноста да започне од моментот на избор на членови во Судскиот совет, па понатаму се до беспрекорно функционирање на судството“, вели Александра Богдановска, Коалиција Сите за правично судење.

Со оценката за низок квалитетот се согласи и судијата Влатко Самарџиски, кој е член на Судскиот Совет. Вели дека оценувањето на судиите не треба да се темели според бројот на предмети.

„Веќе се водат разговори со Министерството на правда и странски експерти кадешто се укажува на начинот на кој судијата го води процесот, неговата способнос да е непристрасен кон странките, неговата независност во одлучувањето и полека да се напушти она, бројот на предметите да е најбитен за оценка на судијата“, изјави Самарџиски.

Големи забелешки за судството имаше и во последниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија.

Shpërndaj me