Државната изборна комисија за шест месеци исплатила 25 илјади евра патни трошоци за нејзините членови. Според податоците на Алсат – М, речиси половина од сумата завршила кај Силвана Бонева.

Бонева до јуни има добиено 12 илјади евра, а се уште не и се исплатени парите за јули и за август. Месечно, само за патни трошоци, Бонева добива по 2.000 евра, плус платата која на членовите на ДИК изнесува над 1.000 евра. Бонева вели дека исплатата е според Законот.

„Се е исплатено согласно законот“, вели Бонева.

Токму Бонева и претходно беше на удар на јавноста, кога се обелодени дека како пратеник, за само една година, за патни трошоци зела 23.000 евра. Тоа беше криткувано, затоа што дополнително се објави дека нејзините синови купиле два стана во елитната зграда во Центарот на Скопје, на улица Димче Мирчев, спорти МВР, каде станови купија и повеќе функионери од власта. За становите Бонева кажа дека се на нејзините синови, кои се школуваат во странство, но и оти не знаела дека ги купиле.

Следен на листата кој земал најмногу пари е Атанас Урумов. Доаѓа од Гевѓелија, а за патни трошоци добил 6.800 евра. Објаснува дека сумата е за периодот од декември до јуни, а додава дека исплатата им доцни по три месеци.

„Доаѓам од најдалечната дестинација од сите членови. Возам автомобил што троши бензин, па во однос на другите колеги кои возат дизел, сумата можеби е помала и од таа законски што ми следува. Точно е дека во зимските периоди имав стан под кирија во Скопје, каде останував кога седниците траеја доцна, а рано утрото продолжувавме со работа. Кога останував во Скопје не поднесував барања за патни трошоци. Но, два –три пати во неделата си одев дома, затоа што имам малолетни деца“, изјави за Алсат, Атанас Урумов.

Бедредин Ибраими, кој доаѓа од Тетово зел 3.000 евра. Не сака да коментира, но објаснува дека вози автомобил што троши дизел и секојдневно патува.

Само овие тројца членови на ДИК се решиле да добиваат кеш пари за нивните патни трошоци. Дел од останатите користат службени возила и картички со лимитиран износ за точење гориво, затоа што велат дека така било поедноставно и немало шанса за злоупотреби.

Субхи Јакупи по овој основ потрошил 2.000 евра, но вели дека секојдневно патувал од Гостивар со службеното возило. Реџеп Прекопуца добил 500 евра, Игор Милев – 370 евра, Александар Чичаковски потрошил 150 евра. Виолета Дума и Сашо Срцев, не земале ниту денар за патни трошоци.

ПАТНИ ТРОШОЦИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ДИК

• Силвана Бонева 12.000 евра
• Атанас Урумов 6.800 евра
• Бедредин Ибраими 3.000 евра
• Субхи Јакупи 2.000 евра
• Реџеп Прекопуца 500 евра
• Игор Милев 370 евра
• Александар Чичаковски 150 евра
• Вилета Дума 0
• Сашо Срцев 0

Со своја реакција се јави и Бонева: „Синовите одамна завршија со студии и работат надвор од земјава. Немам обврска да го пријавувам нивниот имот, а не сум кажала дека не знам оти ги купиле становите.“

Наташа Стојановска

Shpërndaj me