И 15 години по потпишувањето на Охридскиот договор, Албанците сè уште се соочуваат со проблемот на слаба застапеност во државната администрација. Податоците ги објави Институтот за европска политика.

Пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети, за ваквата состојба на Албанците во администрацијата ја обвини македонската заедница.

„Мојата теза е дека правичната застапеност е дизајнирана политика, изградена за малите заедници, но доминантната заедница треба да биде нејзиниот гарант, а не оној кој ќе прави опструкции, ќе попречува. Мислам дека тие кои требаше да бидат гаранти на ова, како уставна одредба, фактички ја прекршуваат оваа одредба“, рече Ермира Мехмети, пратеничка.

За аналитичарот Алберт Муслиу, застапеноста во администрацијата добила поразлични форми од она што се очекувало, претворајќи се во еден систем на корупција и на привлекување на вработените од страна на партиите на власт.

„Двете политички партии, не само во овој мандат, туку уште од почетокот на имплементацијата на овој принцип го зедоа тоа како социјален вентил за сместување на нивните активисти, но и на идните активисти, значи и како коруптивен систем“, рече Алберт Муслиу, аналитичар.

Во оваа студија е евидентирана и дискриминација на Албанците на работното место, навреди на етничка база, големи тешкотии во изразувањето на нивниот етнички идентитет во споредба со другите заедници, проблеми со унапредување на работното место поради нивната етничка припадност итн.

Агрон Варгала

Shpërndaj me