Катица Јанева отвори истрага за првите три предмети од бомбите и побара притвор за осум лица за кои имаат основано соменение дека извршиле редица кривични дела поврзани со изборни манипулации. Неофицијално, веќе е приведен градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко. И за неговиот и за притворот на другите се чека одлука на судот. За кои лица се бара притвор и кој за што се сомничи од специјалното јавно обвинителство не кажаа.

Но, опишувајќи еден од предметите, надлежната обвинителка Фатиме Фетаи, не остави многу простор за сомневање дека меѓу главно осомничените се екс министрите Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески и владиниот секретар Кирил Божиновски.

„Имено, во 2012 година, осомничените кои имале својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Р.Македонија, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна.

На истата група по создавањето припадници станале другите осомничени лица, сведоци и други засега непознати лица, на начин што дел од осомничените и други засега за истрагата, непознати лица, заради победи на изборите на политичката партија, сочиниле план, да на противзаконит начин им овозможат на повеќе лица да користат избирачко право, кои дејствија според планот би се реализирале преку  службените лица, вработени во Министерството за внатрешни работи на РМ и лица кои директно ќе врбуваат и носат лица од странство со реализација преку одделот за информатика и телекомуникации на МВР, потоа преку насилство и други противправни дејствија во текот на изборната кампања и самите изборни денови да влијаат на начинот како да се врши избирачкото право и да спречуваат вршење на избирачко право, во изборниот процес на лица со избирачко право да нудат, дават и ветуваат подарок или друга корист со намера да ги придобијат како да го вршат избирачкото право и да користат незаконски средства за финансирање на кампањата, кој план го прифатиле останатите осомничени, сведоците и други засега непознати лица, при што во рамките на групата и создавачите и припадниците имале конкретна улога, кои улоги се детално опишани во наредбата за спроведување истражна постапка.

Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ не смеат да бидат. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму, и гласале, потоа определени  се 15.000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите, и никој не знае зошто стојат во МВР, имаме и 60.000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет, што би рекол почитуваниот г-дин Прибе“, рече Фатиме Фетаи- обвинител во специјално јавно обвинителство.

Освен за споменатите, истрага е отворена и против пет судии од Управниот суд во Скопје и четири членови на Државната изборна комисија од 2013 година за кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. Истрага има и за членови на општинска изборна комисија од Чаир за делото изборна измама.

Специјалното обвинителство го искористи настанот за да најави и дека ќе ги бараат уште два предмети од обвинителството на Марко Зврлевски. Станува збор за предмети во кои беа инкриминирани екс-претседателот и премиер Бранко Црвенковски, екс-премиерот Владо Бучковски, но и високи функционери на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
 
Ленче Ристоска- обвинител во специјално јавно обвинителство:

 „Имено, во рамки на ова Јавно обвинителство врз основа на објавените разговори започнати се повеќе предистражни постапки, а се прават проверки и извиди за отворање и на други предистражни постапки. Имено започнати се предистражни постапки за предметот Маѓар Телеком, кој е побаран од обвинителството за организиран криминал, како и за аферата во јавноста позната како „Надеж“ за кој предмет е изготвено писмо со барање за достава.“

Пред деталите кои ги соопштија двете обвинителки, пред јавноста се обрати Катица Јанева. Обвини дека има притисоци од повеќе страни за нејзиното работење, но и дека нема да се повлече.

„Правдата ќе победи, наспроти  тешкотиите и заканите што доаѓаат од одредени политички партии и конструираните кривични пријави против мене и моите соработници. Се чувствувам слободна и цврста, бидејќи на моја страна се Уставот,  законите и вашата подршка.  Макар сите да молчат, јас нема да молчам“, рече Катица Јанева- специјален јавен обвинител на РМ.

Од Специјалното јавно обвинителство не сакаа да прогнозираат кога може да се очекуваат првите обвиненија или пак дали е можно судот да им ги одбие барањата за притвор. Целиот настан кој траеше еден час лично го следеа претставници на амбасадите на САД, Европската Унија, Германија и ОБСЕ.

Shpërndaj me