Државната изборна комисија сѐ уште не решила дали Владата смее да се задолжува без согласност на дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов. ДИК денеска ја доби одлуката на Управниот суд со која новиов состав ќе треба да се изјасни по барањето на Наумов, министерот Зоран Ставревски да не смее да ги задолжува граѓаните повеќе отколку што треба да се раздолжи кон стопанството.

Извори за Алсат М од ДИК велат дека решавањето по однос на одлуката не е врзано за рок од 24  часа. Исто така, ДИК има право да поднесе жалба до Вишиот Управен суд по однос на вчерашната одлука на Управниот суд. Во моментов, никој од надлежните не знае дали во овој период, до одлука на ДИК, Министерството за финансии смее да се задолжува кај домашните банки повеќе од сумата што треба да ја враќа.

Додека трае овој правен вакум, Министерството за финансии објави ново задолжување кај домашните банки од 3,6 милиони евра. Наумов посочи дека ќе ја почека одлуката на ДИК и потоа ќе се заземе став за задолжувањата од претходните четери аукции.

„За самоволието да не застане тука, министерот Ставрески денеска, по веќе донесена и доставена одлука на Управниот Суд,  повторно објави проспекти за аукција на 16.02.2016 година“, вели Кире Наумов дополнителен заменик министер за финансии.

Владата вчера повторно се задолжи дупло повеќе од планираното. Зеде 15,5 милиони евра. Со ова, од почетоков на годинава Владата се заолжи со вкупно 78 милиони евра или 41 милион повеќе од планираното.

Соња Јанковска

Shpërndaj me