Јавното обвинителство на Република Македонија постапило селективно со кривичните пријави на СДСМ произлезени од бомбите, тврди поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски. Доказ, според него, е што предметите не биле архивирани како кривични пријави против точно утврдени лица, туку како поднесоци кои секојдневно се поднесуваат во Обвинителството.

„Се поднесуваат и поднесоци коишто не се крстени како кривично дело него поднесоци од необразовани луѓе, поднесоци од неедуцирани во правото, поднесоци поради некој интерес а за којшто однапред се знае дека Јавното обвинителство нема надлежност да постапува туку дека може да постапува друг орган…. Е, во упсиникот каде што се внесуваат ваквите поднесоци беа заведени и кривичните пријави кои ги поднесоа од опозицијата“, вели Јован Трпевноски- поранешен Државен јавен обвинител.

Својот став Трпеновски го изнесе на дебата за тоа дали судовите го чуваат јавниот или поединечните интереси. Според дискутантите интересот на државата и дел од владеачите функционери секогаш се над јавниот.

„Во најголемиот дел од пресудите … Државата скоро никогаш не објаснува што е јавен интерес туку кажува дека поради јавен интерес се одзема тоа и тоа земјиште“, рече Жарко Хаџи Зафиров- адвокат.

„Јас имам впечаток дека тие се чувари на угледот на највисоките државни функционери, не на сите, на 10-тина“, оценува Јадранка Костова.

Дебатата за штитењето на јавниот интерес во македонското правосудство го организираше Институтот за комуникациски студии.

Shpërndaj me