Пристрасно судство поради притисоци од извршната власт, партизираност на институции, недоверба на граѓаните во судот – ваква е состојбата со правосудството во Македонија е заклучокот на 11 невладини организации. Анализите невладиниот сектор ги правел 15 месеци како дел од проектот „Мрежа 23 “ кој ги евалуира политиките од  Поглавјето 23- правосудство и темелни права кој е клучно за пристапувањето во ЕУ. Анализата содржи препораки за излез од политичката криза во Македонија.

„Сметаме дека за излез од оваа политичка криза не е најважно само да даде оставка оваа власт,  многу поважно е да постои кривична одговорност, за сите и за премиерот Груевски и министрите кои се инволвирани во разговорите да бидат предмет на судска постапка. Доколку се случи овие луѓе да бидат амнестирани во РМ нема да може да се воспостави демократија од ниту една власт која ќе дојде после оваа“, рече Уранија Пировска- Хелсиншки комитет.

За членките на оваа мрежа на граѓански организации, најважна точка од договорот во Пржино е избор на специјален независен јавен обвинител. Во анализата се содржат препораки за реформите во правосудството, меѓу нив покрај изборот на нов и – како што велат – независен јавен обвинител е и зајакнување на независноста на судскиот совет и како и да се унапреди квалитетот на обуката на идните судии и јавни обвинители. ОВие 11 невладини организации својата анализа ја сметаат за слична со извештајот на Рајнхард  Прибе кој беше објавен во јуни.

Бојана Симоновиќ

Shpërndaj me