Минуваат двата најтешки денови за мене и за македонската полиција, рече премиерот Никола Груевски во своето денешно излагање пред новинарите. Според претседателот на македонската влада, полициската акција била спроведена високо професинално и упати благодарност до сите припадници на МВР вклучени во операцијата за разбивање на терористите, како и до медицинските тимови. 

Ова не е конфликт меѓу Македонците и Албанците, потенцираше Груевски додавајќи дека инцидентот бил битка меѓу група што посакувала дестабилизација на Македонија и лицата кои го бранеле Уставот на Република Македонија. 

Разбиената терористичка група во Куманово планирала масовни убиства со цел дестабилизација на Македонија со напади врз различни цели како шопинг молови и спортски натпревари со што можело да дојде до убиство на 8 илјади луѓе, рече Груевски.

Груевски информираше дека меѓу терористичката група иамло лица поврзани со неодамнешниот инцидент во Гошинце, а како што рече, на сите ќе им се суди во Македонија и според македонските закони.

Премиерот на Република Македонија упати благодарност кон кумановскиот градоначалник, Зоран Дамјановски за упатените апели за воздржаност кај граѓаните во најкритичните моменти за време на полициската акција. 

Груевски апелираше настанот да не се користи за дневно-политички цели и нагласи дека сите граѓани на Куманови чии домови се оштетени во борбите ќе бидат финансиски обештетени.

Македонија има сила, рече Груевски додавајќи дека сите кои ќе се обидат да и наштетат на Македонија ќе завршат како разбиената тетористичка група.

Следува целата прес-конференција на премиерот Груевски

Shpërndaj me