Дваесет и пет илјади граѓани имаат блокирани сметки по налог од Македонската радиотелевизија поради неплатена радиодифузна такса. По налог на МРТВ, а преку Управата за јавни приходи, овие луѓе имаат блокирани сметки и сега освен долгот ќе треба да платат и трошоци за деблокада на сметките. Дел од граѓаните кои ги затекнавме пред шалтерите на УЈП,  револтирано коментираа дека повеќе ќе ги чини деблокадата на сметката од сумата што ја должат кон МРТВ.

„Овие само праќаат сметки, а јас ниту радио, ниту телевизор имам, а само треба да платам сметки. Дојдов овде да се разберам. Ми викаат со овие документи не треба да плаќам.“

„Само плаќаме и постојано должам. Ако немам и ако сум ги изгубил белешките ќе треба пак да платам. Јас се снаоѓам, ама тие не се снаоѓаат, кај нив е слабо книговодството. Чаре, ако не ја чувам белешката ќе мора пак да платам.“

„Проблемот е не гледаме тв, а плаќаме. Ми дојде да платам голема сума и јас две рати платив и сега не се заведени, па сега тоа да го регулирам. А, кој знае дали и камати ќе ми бараат. Ме товарат за 4.650 денари.“

„Кога уплаќам сметките ги плаќам во Стопанска банка и сега парите ги нема на нивна картица. Сега мора да го барам раководителот. Ако ми блокираат сметка ќе останам без пари“, рекоа анкетираните граѓани.

Од Македонската радиотелевизија велат дека сите граѓани се уредно известени со опомени дека ако во рок од осум дена не извршат уплата на долгот, ќе следи блокирање на нивната сметка. Сите кои доставиле документи дека ги имаат намирено долговите, или во меѓувреме платиле, се спасиле од блокада на сметките. Според УЈП пак бројката на блокирани е поголема.

„Управата за јавни приходи достави 27.014 Решенија за присилна наплата на РДТ за физички лица кои се однесуваат на неплатен долг во вкупен износ од 49.202.762 денари. Станува збор за граѓани кои не извршиле плаќање на РДТ од три месеци до една година, а на кои претходно УЈП има доставено опомена за плаќање на долгот (не се опфатени ранливите категории на граѓани – приматели на детски додаток и други примања врз основа на социјална заштита), велат од Управатз а јавни приходи.

Верица Павлоска

Shpërndaj me