На хартија го решија проблемот, на терен работите ќе потраат барем уште седум месеци. Владата, раководството и синдикатот на „Југохром“ потпишаа меморандум за разбирање кој предвидува рестартирање на капацитетот и враќање на работниците откако ќе бидат поставени филтрите. Директорот на комбинатот, Васко Скендеровски ја пофали Владата дека имала слух за нивната ситуација. Најави дека работите ќе се одвиваат етапно, а првите две печки ќе бидат подготвени за пуштање во погон во мај или во јуни.

„Некои еколошки друштва се загрижени дека Југохром ќе работи без филтри и ја нападнаа при тоа и Владата. Јас јавно ви ветувам дека Југохром нема ниту еден работен ден да има без поставување на филтрите. Се надевам дека тоа ќе биде во многу скоро време.“ – изјави Васко Скендеровски, директор на „Југохром“

Од Владата, потребата за потпишување ваков меморандум, ја правдаат со обезбедувањето правна сигурност дека инвеститорот по изградбата на системот за отпрашување, ќе ги добие сите потребни дозволи за работа.

„Дека ќе ги добие сите потребни овластувања кои го следуваат по Закон и ние како Влада административно ќе постапиме во најкратки можни рокови. Тоа е потребно за секој инвеститор. Значи, инвеститорите бараат чиста правна ситуација и ние со овој меморандум ја искажуваме нашата спремност како Влада тоа да го направиме.“ – рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања

По ставањето клуч на фабриката, синдикатот инсистираше да се дозволи производство паралелно со поставувањето на филтрите. Сега, околу 700 вработени се на улица.

„Вработените нормално сега се без работа, се под завод за вработување. Чекаат да се заврши овој процес и да се вратат на своите работни места.“ – вели Бајрам Амити, претседател на Синидкат на „Југохром

„Југохром“ беше затворен во ноември минатата година, откако не го испочитува двегодишниот рок за исполнување на еколошките стандарди.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me