Основните јавни обвинители ќе треба да реферираат за начинот на кој се водела истрагата за крвавиот 27-ми април. Ваква најава упати единствениот кандидат за функцијата државен јавен обвинител, Љубомир Јовески. И за Алсат М тој телефонски ни потврди дека ќе побара обвинителите да му реферираат за досега сработеното, но не ни кажа дали ќе побара одговорност од неговите колеги доколку се утврди дека можеби намерно или немарено направиле пропусти во истрагата.

Еден од неговите противкандидати за раководната функција во основното обвинителство, адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека Јовески откако ќе биде избран, мора веднаш да засука ракави.

Има можност да побара одговорност од конкретни обвинители заради нестручно работење и незапазување на роковите и угледот на обвинителството, така да, има одврзани раце. За неработење на обвинител може да предложи истиот и да биде разрешен и казнет или да назначи мерки“, рече адвокатот Давидовиќ.

Сепак, какви и информации да се добијат, нема да може да се ревидираат постапките на обвинителството со кои веќе судот осуди дел од насилниците за упадот во Парламентот. Досега осудени се само директни учесници во настанот. Истрага се уште се води за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ги отворија вратите, Сашо Василевски и Крсто Мукоски, како и за екс началникот на Бирото за јавна безбедност, кој раководеше со оперативниот штаб во МВР, Митко Чавков.

Исказ во обвинителството има дадено заменик-министерот Агим Нухиу, кој беше на чело на полицијата на крвавиот 27 април. Иако полицијата поднесе и пријава за организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, засега нема инфомација дека обвинителстото презело некакви чекори.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me