Црвени знаменца“ преку кои ќе се ловат сомнителните тендери и укинување на цената како единствен критериум во јавните набавки. Ова се дел од предвидените измени во Законот за јавни набавки преку кои власта очекува да ја намали корупцијата и да го направи поефикасно трошењето на јавните пари во тендерските постапки.

Договорниот орган зависно од предметот на набавката самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии

Ќе се зголеми и прагот за вршење набавки без спроведување тендерска постапка. Тој во моментов изнесува 500 евра, а новиот закон предвидува за класичниот сектор тој да биде 1.000 евра и 2.000 евра за секторските дејности. Ова се прави по барање на стопанството и ќе ги олесни малите набавки, вели директорот на Бирото за јавни набавки, Ѓорѓи Георгиевски.

Го решаваме проблемот на многу училишта и градинки, бидејќи тие имаат дефицит на кадар што работи за јавни набавки. Со зголемувањето на прагот на јавни набавки ние уште сме под сите земји од регионот. Значи не се значително зголемени за да имаме страв од зголемена корупција“, вели Ѓорѓи Георгиевски, директор на Бирото за јавни набавки

Бизнис заедницата очекува поголема транспарентност и олеснување на постапките.

Би ги посочила тука задолжителноста на ЕУ аукциите, прашањата поврзани со цената како единствен критериум во изборот и доделувањето на договорите за јавни набавки“, посочи Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанска комора на Македонија

Новиот закон се очекува да стапи на сила од јануари следната година. На годишно ниво за јавни набавки се троши околу една милијарда евра односно речиси една третина од буџетот на државата.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me