Тетово, Охрид, Чаир, Струга, Карпош и уште дваесетина други општини се во долгови до гуша. Од 80 дури 22 локални самоуправи имаат долгови поголеми од еден милион евра. Општина Охрид, должи 11 милиони евра. Ова е 78 отсто од вкупниот Буџет на општината за 2016 – та година. Тетово е втора најзадолжена општина. Долг е 8,11 милиони евра. Седум милиони евра должи Карпош, а по неа е Струга. Владата пак со Закон за пријавување и евиденција на обврски, ќе се обидела да направи притисок врз општините самите да си го намалеле долгот.

„Едно од најважните е да се објават обврските, за јавноста да знае и тоа ќе создава притисок на сите елементи вклучувајќи ги и лицата кои ги водат општините да не создаваат обврски, туку да ги чистат, затоа што јавноста ќе ги притиска и проверува до каде се со обврските.“, изјави Драган Тевдовски – министер за финансии

Според податоците на Министерството за финансии, само Валандово, Ѓорче Петров и Дебарца немаат долгови и неисплатени обврски. Тевдовски не одговори дали и колку пари Владата ќе се задолжи за да им даде на општините пари за да се раздолжат. Но, потврди дека бараат и други механизми како да се помогне враќањето на долговите. За таа цел рече и дека се зголемени блок – дотациите за градинките и училиштата. Ќе ги зајакнувале капацитетите на советите на општините.

„Најголема одговорност пред граѓаните ќе имаат токму членовите на Советите, затоа што одлучуваат за донесувањето на буџетот, но и за трошењето на јавните пари, за деталните урбанистички планови, за цените на услугите, за работењето на јавните претпријатија, за градинките и за училиштата.“, посочи Сухел Фазлију – министер за локална самоуправа

Според Финансии, дваесет најзадолжени општини имаат долгови од околу 60 милиони евра, што е 70 отсто од вкупниот долг на општините кој изнесува околу 82 милиони евра. Лошиот менаџмент на локалните самоуправи го потврдија и ревизорите. Тие утврдија дека во 2016 – та година дури 14 општини имале блокирани сметки, а лани вкупно 17 општини биле со блокирана сметка подолго од шест месеци.

Верица Павлоска

Shpërndaj me