Долгогодишните ветувања за изградба на основно училиште во Визбегово се чини дека се блокирани од општина Бутел и засега нема никаква надеж дека оваа населба наскоро ќе добие нов училишен објект. Иако градоначалникот на Бутел Петре Латиновски најавуваше поставување камен-темелник уште во март годинава, досега на предвидената локација не е ставена ниту една шајка.

Од општината Бутел не соопштија повеќе информации за пречките за почеток на градежните работи туку само рекоа дека во краток временски период ќе се затвори постапката за изведба на проектот. Од друга страна, жителите чии куќи се покрај парцелата, велат дека никој досега не се заинтересирал за подготовка на теренот за почеток на градежните работи.

„Од лани нема движење. Минатата година направија две дупки за да ја видат длабочината на водата и јачината на почвата. Сево ова беше пред изборите кога велеа дека ќе се изгради, но сега засега нема ништо.“

И другите жители на Визбегово се скептични дека во нивната населба ќе биде изградено училиште. Во ветувањата на надлежните гледаат само политички маркетинг.

„Имаме внуци, внуки, на комшиите. Многу тешко е да ги носиш секој ден. Како да одат во училиште, 5-6 километри низ кал, нема пат – асфалт. Тешко е, потешко – здравје. Само предизборни ветувања се овие, ништо друго.“

„Тешко е за нас, ние се мачиме со носењето на децата на училиште, треба да ги чуваме од возилата, оти многу е далеку училиштето. Доколку е можно, училиштето да се изгради поблиску, во дворот на џамијата.” – велат жителите на Визбегово

Заменик-министерот за образование, Висар Ганиу, за Алсат изјави дека министерството е во интензивни преговори со општина Бутел за изнаоѓање решение за изградба на училиштето.

„Беше и во програмата за 2017, а секако дека ќе се инкорпорира во програмата за 2018, бидејќи имавме заостанок во однос на сопственоста, односно немавме имотен лист, и како министерство, немаме право да градиме кога од правен аспект ги немаме регулирано сите прашања.“ – изјави Висар Ганиу, Заменик-министер за образование

Околу 800 ученици од Визбегово се принудени да одат пеш околу четири километри до основното училиште „26 Јули“ во Шуто Оризари. Дел од учениците настава следат и во општините Чаир, Бутел и Карпош.

Мелихате Рустеми

Shpërndaj me