Синдикатот на правосудството, УПОЗ, откако го виде предложениот Буџет за 2018 година, побара поголеми плати, а се закани и со тужби за да си ги добие законски предвидените додатоци на плата. Незадоволни се во судската служба, но и службениците во јавните обвинителства, како и во воспитно и казнените установи. Судските службеници, бараат исплата на додаток на плата од 10 насто и разлика на степен на кариера. А побараа и оставка од првиот човек на Судскиот совет бидејќи не им ги вратил парите кои им беа задржани поради штрајкот лани.

„Караџовски го сметаме за главен виновник затоа што тие два пати по 40 проценти коишто минатата година ни беа задржано до 31 декември 2016 година беа на сметка на судовите и можеше едноставно со негово одобрение да ни се вратат.“ – изјави Верица Тасева, потпретседател на УПОЗ

„Доколку не почне повторно исплатата на овие додатоци на плата, како што е пропишано со закон, луѓето, односно вработените во обвинителствата ќе поднесуваат тужби и ќе ги бараат тие додатоци на плата пред надлежните служби. Тоа веќе го правиме…“ – рече Трпе Деаноски, УПОЗ

На барањето за оставка, првиот човек на Советот, Караџовски за Алсат М вели, цитирам:

„Судскиот буџетски совет и претседателите на судовите ги носат одлуките врз основа на важечките закони. Така било досега и така ќе се работи и во иднина.“

Од Министерството за финансии, најавија дека ставот ќе го кажат во текот на денов. Од УПОЗ велат дека имаат разбирање за тешката состојба во државава, но оти тоа што им следува, треба да го добијат.

Горан Теменугов

 

Shpërndaj me