Собраниската расправа за ребалансот на буџетот како грамафонска плоча. Трет дена опозицијата обвинува дека се кратат пари за капитални инвестиции и се зголемуваат непродуктивните трошоци. Трет ден власта го брани прекројувањето на државната каса велејќи дека се обезбедуваат пари за решавање на проблемите на граѓаните и подобрување на животниот стандард. Дебатата се одвива со голем број реплики и контрареплики. Ребалансот најверојатно ќе се гласа в недела.

„Задолжувањата ќе растат и ќе ја достигнат онаа бројка што ја имаше претходната Влада за која се критикуваше на сите можни страни дека е екстремно високо задолжувањето. Вие ќе мора да повлечете капитал, не само од домашните инвеститори туку капитал и од еврообврзница. Тоа срамежливо го најавивте. Дека ќе гледате дали каматните стапки ќе бидат поволни. Меѓутоа од 250 до 300 милиони евра до крајот на годината неминовно е да повлечете дополнителни средства“, рече Крсто Мукоски, ВМРО-ДПМНЕ.

„Овозможува непречено спроведување на финансиската политика на новата влада за сервисирање на граѓаните и економијата во земјата, како и за реализација на политиката од програмата на новата влада. Приходите во наредниот период се сведени на реални очекувања, а буџетскиот дефицит не е зголемен односно е проектиран на 2,9 проценти од бруто домашниот производ“, изјави Благојче Трпевски, СДСМ.

Shpërndaj me