Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го направи првиот чекор кон исполнувањето на неговото предизборно ветување за повлекување на Обамакер, со потпишување указ, со кој ќе се добие „прифатливо здравствено осигурување за милиони луѓе“.

Со указот се задолжува администрацијата да развие политики кои ќе ја зголемат конкурентноста во изборот на здравствена заштита, со цел пониски цени и подобрување на квалитетот на здравствената заштита.

Сепак, американските медиуми коментираат дека со овој указ, се разнишува Обамакер и се оставаат без осигурување помладите и поздравите Американци.

Трамп од Белата куќа порача дека овој указ владата на САД нема да ја чини ништо а луѓето ќе имаат одлична здравствена заштита.

– Кога велам луѓе, мислам на милиони и милиони луѓе, прецизираше Трамп.

Тој оцени дека овие мерки требале и морале да бидат усвоени многу порано.

Трамп му налож на Одделот за труд да изработи студија за тоа како малите бизниси, по можност и индивидуалци, полесно да се здружат за да купат здравствено осигурување преку националните здравствени планови.

На 26 септември, републиканците во американскиот Сенат не го изгласаа последниот план на Трамп, кој предвидуваше повлекување и замена на Обамакер. Тие најавија следно вакво гласање кон почетокот на следната година, во надеж дека тогаш ќе успеат да ги обезбедат гласовите на сите републиканци во Сенатот, откако последниот пат двајца гласаа против.

Shpërndaj me