Над 80 проценти од невработените во земјава чекаат вработување подолго од една година. Станува збор за армија од 182.027 лица. Уште позагрижувачки е податокот дека 62.000 од долгорочно невработените се млади на возраст до 29 години. Овие бројки што ги објави Државниот завод за статистика потврдуваат дека државата тешко се справува со намалувањето на невработеноста кај младата популација. Според директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, постојат многу мерки што се наменети директно за младите лица, но како што вели, на високата невработеност кај оваа категорија влијаат повеќе фактори.

„Голем број од младите кои завршуваат образование завршија општествени струки, завршија факултети за кои има многу мала понуда на работни места. Долгиот процес на транзиција предизвика многу млади луѓе да избегаат од тие занатски струки, каде што сега имаме огромна потреба на лица и отидоа во општествените науки.“ – изјави Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување

Минатогодишното истражувањето на Фондацијата Фридрих Еберт за невработеноста кај младите покажа дека дури 43 отсто би прифатиле да работат што било, додека 38,7 отсто би го направиле тоа под услов да добијат повисока плата. Една третина сметаат дека целосно ја промашиле професијата за која одлучиле да се школуваат. Од Агенцијата за вработување со став дека оваа состојба може да се промени со саеми за вработување и преквалификација.

„Над 60 до 62 проценти од младите се вработуваат после третиот месец на практична работа и се` уште се вработени. Можеби смениле работни места, но пак се вработени, не се невработени. Тоа ни дава поголем стимул и за другите мерки, како што е самовработување, да го зголемиме процентот, веќе се зголеми односно 43 отсто корисници се млади лица до 29-годишна возраст.“ – вели Поповски

Стапката на невработеност кај младите на вбозраст од 15 до 24 години изнесуваше 48,2 отсто.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me