Парите од новата еврообврзница издадена вчера ќе се трошат за покривање на буџетскиот дефицит, за поголеми плати во здравство и во образование, на вработените во АРМ и за приближување кон НАТО. Дел ќе бидат и за враќање на стари долгови и за капитални инвестиици.

„Во Буџетот се предвидува интензивирање на процесот на гасификација. Во буџетот сериозно се зголемени средствата кои треба да ја забрзаат експропријацијата на земјиштето, дел од средства за гасот се од заеми кој ќе го интензивираат процесот на гасификацијата. Околу автопатите, дел се во Буџетот, дел пак се кинески заеми кои ги земаа претходната власт, повеќето се во Јавно претпријатие за државни патишта.“- изјави Драган Тевдовски – министер за финансии

Тевдовски, растот на платите со нов долг, го правда со заживување на домашната потрошувачка. Токму начинот на кој ќе се троши новата еврообврзница денеска предизвика лавина реакции кај економските експерти. Од „Фајнанс тинк“ преку соопштение се спротивставија на тоа средствата од еврообврзницата да се користат за буџетски потреби. Тевдовски со одговор.

„Во основа тоа е или од непознавање на буџетскиот процес како е кај нас тој буџетски процес, или тоа значи дека тие бараат во иднина да се променат законските процеси со кои на друг начин ќе се дефинира како ќе се користи буџетскиот дефицит и приливите од надворешното задолжување.“ – посочи Драган Тевдовски – министер за финансии

Министерот вели дека државата морала да се задолжува оти вкупните потреби за финансирање за оваа година се 40,9 милјарди денари. Државата се одлучила за странско задолжување затоа што во моментов каматната стапка на странските пазари била поповолна од домашните. Тој вели дека со дел од позајмените половина милијарда евра ќе се врати првата рата на PBG – кредитот од 2013 – та година во износ од 95 милиони евра кој доспева на крајот од јануари. Тевдовски вели дека за прв пат е извршен делумен предвремен откуп на постоечка евроообврзница. Односно, предвреме е откупена една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која доспева во декември 2020 – та година чија камата е 4,8 отсто. Ова е шеста по ред еврообврзница што ја издава државата. Првата беше издадена 2005 – та година и беше во висина 150 милиони евра. Таа веќе е вратена. Останатите изнесуваа 175 милиони, па половина милијарда евра, па 270 милиони и предпоследната од 450 милиони евра.

Последнава еврообврзницата е 500 милиони евра, со рок на достасување од седум години, камата од 2,75 отсто или годишно ќе треба да се плаќаат по 13,75 милиони евра. За седум години само на камати ќе се платат нешто над 96 милиони евра. Со ова, вкупно што ќе треба да врати државата односно граѓаните до 2025 година, ќе бидат нови 600 милиони евра.

Верица Павлоска

Shpërndaj me