МВР суспендираше нови 15 припадници коишто на 27 април во Собранието не дејствувале професионално. Меѓу нив е и помошник-министерот ангажиран за телекомуникации, Небојша Стајковиќ, кој ќе сноси одговорност за нефунцкионирањето на тетра-системот за снимање на командите во главните управи во МВР, како што се УБК, Бирото за јавна безбедност и шесттата управа. Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, неодамна за Алсат М најави целосна истрага зошто уште до 2014 година не работел т.н. тетра-систем за регистрација на командите.

„Веднаш побарав увид и проценка дали се снимени сите команди што се дадени во тетра-системот. Повикав германски експерт којшто оцени дека два сервера не биле вклучени на апаратот за снимање и оти тој не функционира од 2014 година.“ – изјави Агим Нухиу, Министер на МВР

Неколку дена по крвавите настани, МВР суспендираше шест полициски припадници, меѓу кои и Оливер Поповски, началник за превенција, Марјан Митевски, началник на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Сашо Милошевски, инспектор за кој било констатирано дека ги спречил полицајците да формираат кордон. Меѓу суспендираните беа и Мите Михајлов, инспектор во СВР Скопје и Абдулфетах Алими, вработен во шестата управа, кој го спаси лидерот на ДР-ДПА, Зијадин Села. Освен суспензиите, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков е разрешен од Оперативниот штаб и на неговото место е назначен Горанчо Савовски. Бројот на суспендирани полициски службеници се очекува да се зголеми откако ќе се заврши составувањето на извештајот на Внатрешната контрола во рамки на МВР, кој се очекува да биде финализиран наредната недела.

Адријан Керими

Shpërndaj me