Сведочењето на обвинетите во случајот „Дива Населба“ започна со Сами Укшини, познат како Командант Соколи. Тој пред судското тело изјави дека во Куманово отишол на 3 мај. Лидери на групата биле Бег Ризај и Мирсад Ндрецај. На 8 мај од Ризај и Ндрецај побарал да си одат од Дива Населба со образложение дека не се безбедни и дека немаат што да прават во населено место. Тие, според Командант Соколи, одбиле да си одат и му рекле дека одредени лица им го гарантираат престојот во оваа населба се’ до 19 мај, кога и јавно требало да излезат со нивните барања. Во моментот кога започнале пукотниците, Соколи го прашал Ндрецај каде се тие пријатели кои му гарантирале дека нема ништо да се случи, на што Ндрецај му одговорил дека истите не одговарале на телефонските повици и дека најверојатно ги предале. Објаснувајќи ги моментите на разменување оган со полицијата, Командант Соколи изјави дека тие најверојатно меѓусебно се убиле, бидејќи немале координација, додавајќи дека доколку тој бил организатор, би имало најмалку 100 убиени полицајци.

„Јас не бев организатор. Но да бев, немаше да бидеме тука и ако нападневме, ќе имаше најмалку 100 мртви полицајци. Но, јас не бев дојден за тоа. Во Куманово претходно не сум бил, а ме повика сега веќе починатиот Џафер Зимбери. Причината за моето доаѓање тука беше неспроведувањето на Охридскиот договор. Политичарите во Владата се продадени и корумпирани души.“ – изјави Сами Укшини

Тој потсети дека во моментите кога тие ѝ се предале на полицијата во „Дива Населба“, полицијата ги малтретирала, однесувајќи се нечовечки кон нив. Соколи изјави дека телефонските разговори кои беа објавени на затворените судски рочишта биле кратени, каде бил прикриен најголемиот дел од тие разговори. Сами Укшини, алијас Командант Соколи, категорично изјави дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари, а тоа е тероризам, и дека таквото обвинение не го прифаќа. Тој ја обвини Владата за местење на случајот, но не спомна конкретни имиња. И адвокатката на Укшини, Артене Исини, вели дека овој случај е политичко сценарио и дека треба да се обелодени вистината.

„… Тој целиот товар го префрла врз политичарите. И одговорноста и последиците од овој настан треба да се бараат во политиката. Според овие изјави, постои основано сомнение дека се виновни многу одговорни лица од институциите кои ќе треба да дојдат и ќе ја отфрлат вината од себе. Тие ќе треба да сносат одговорност, било за преземање дејствија, било за непреземање на дејствија.“ – изјави Артене Исеини, адвокатка

На следното судско рочиште, кое е одредено за 23 февруари, се очекува на клупата за сведоци да седне и другиот обвинет, Мухамед Красниќи, познат како Командант Малишева.

Сенат Зулбехари

Shpërndaj me