Проаква од денеска почна со исклучување на неплаќачите од системот за водоснабдување во Струга. Први на удар се правните субјекти кои со години не ги подмирувале своите долгови кон претпријатието. За период од три години Проаква од овие фирми има побарувања поголеми од еден милион евра. Само за 2017 година таа сума е околу половина милион евра. Покрај граѓаните, големи должници се и државни и локални институции, болници и училишта на кои отпаѓаат околу 40 % од долговите.

„Од правните субјекти на локално ниво само училишта за вода должат за оваа година повеќе од 20 милиони денари. Државните институции како што се подрачните министерства вклучително и болниците кои се под капа на државата должат околу 10 милиони денари. И затоа преземаме мерки за исклучувања директно“. – изјави Ваит Ајро- директор на Проаква Струга

Должат и угостителски објекти, чиј што долг за изминатите неколку години достигнувал и до 100 милиони денари. Од претпријатието, за Алсат М велат дека нема да бидат толерантни кон никого.

„Што се однесува до училиштата и болниците сигурно дека тие се оставени за трета или последна фаза на исклучувања. Но нема да се има компромис и за овие институции. Тие се правни субјекти и вршат дејност“. – вели Ајро

Граѓаните сметаат дека не плаќаат оние кои имаат да платата, додека посиромашните редовно ги плаќале сметките.

„Јас плаќам. Ниту една сметка немам затаено. Зошто други да не плаќаат. Но хотели ,установи тоа е апсурдно и таа акција треба да се спроведи до крај. Имотни фамилии не плаќаат и ги собираат сметките за цела година или ќе ги затајат“.

„Треба да се плати.Тие треба да се казнат. Бизнис да имаат и да не платат тоа не е убаво така“.

„Тоа е добро, бидејки никој не сака да плаќа вода. За подобрување на состојбата треба тоа да се направи“. – велат граѓаните

Од Проаква признаваат дека една од причините за ваквата состојба е и недоволното и неквалитетно работење на службите на Проаква како и незадоволството на корисниците од услугите кои ги добивале од компанијата. Зголемувањето на наплатата сигурно ќе ја подобри и финасиската кондиција на компаниајата која има проблеми и со нередовната исплата на плати на вработените и придонесите.

Мики Трајковски

 

Shpërndaj me