Без опозицијата и со нов претседавач од СДСМ, продолжи Комисиската расправа за Буџетот. Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ засега немаат донесено став дали ќе го бојкотира работењето на собраниските комисии и на Собранието. Ново назначениот претседавач со оваа собраниско тело Васко Ковачевски вели дека не знае дали неговите колеги го бојкотираат парламентот.

Ќе почекаме денеска да видиме дали пратениците на ВМРО – ДПМНЕ ќе се вклучат во расправата па ќе видиме какво ќе биде и нивното однесување во Собранието на РМ“, рече Ковачевски.

Пратениците од владејачкото мнозинство ги повика колегите од опозициската ВМРО – ДПМНЕ да дојдат и да ги одбранат предложените амандмани.

Знаете дека Буџетот е еден од најважните документи во една држава. Впрочем и оваа точка, односно Буџет на дневен ред, како дневен ред е најважен за функционирање на државата за наредната година. Затоа, како владејачко мнозинство чувствуваме потреба оваа Комисија да продолжи со работа… Треба да дојдат и да ги бранат амандманите кои ги предложија. Ако донесат таква одлука нашата колешка Кузмановска може да дојде и да продолжи да ја води Комисијата и да почнеме суштинска дебата“, рече Јован Митрески – СДСМ.

Очекував искрено да дојдат колегите од ВМРО – ДПМНЕ па да ги спротивставиме нашите ставови, затоа што имавме различни гледања кога зборевме за Ребалансот на Буџетот, посебно за неговата големина. Ќе беше добро сега да ги спротивставиме гледиштата и да видиме кој бил во право“, изјави Панче Иванов – СДСМ.

Инаку, претходно претседателката на оваа Комисија Лиљана Кузмановска пет дена по ред ги закажуваше, па половина час пред почетокот ги откажуваше расправите за Буџетот. По ова, за да се откочи работата на оваа Комисија, претседателот на Парламентот Талат Џафери уште во петокот пред да замине во САД го именувал Васко Ковачески за наследник на Кузмановска. Денеска откако повторно беше откажана расправата која беше закажана за во 11 часот, службите ја активираа одлуката на спикерот Џафери, по што за доцна попладне беше закажано и продолжението на оваа работно тело.

ВМРО – ДПМНЕ имаат доставено 204 амандмани, додека останатите 70 се на Беса. Неофицијално, според извори на Алсат М, можно е дел од амандманите на Беса да бидат повлечени. Се очекува државната каса да биде усвоена до средината на месецот.

Верица Павлоска

Shpërndaj me