Сиромаштијата, лесната заработка на пари и лесниот пристап до обложувалниците се мамка за младата популација, сметаат дел од социолозите. Тие велат дека заразеноста од обложување, посебно на младите, станува сериозен проблем во кој ќе треба да се вклучи и државата. Социолозите предлагаат да се воведат построги правила кој и каде се може да отвори обложувалници.

„Од социолошки аспект, не може да кажам дека се позитивни, тие се со негативно влијание, особено кога се работи за општество каде невработеноста е многу висока, сиромаштијата исто така. Не може да кажеме дека не постои, кога постои. И тоа се места каде условно кажано, под наводници, ги привлекуваат младите за да добијат што полесно за нивна егзистенција и за нивното семејство. Имајќи во предвид дека хазардните игри, било каков карактер да имаат, не би рекол дека се од позитивен аспект или дека влијаат позитивно во нашето општество, особено позитивно на нашата младина, на тинејџерска возраст, кога оваа возраст е најзагрозена од нивното учество во голем број на разни хазардни игри, кои ги нудат овие куќи“, рече Емил Сулејмани – социолог.

И дел од граѓаните со кои разговаравме сметаат дека младите наместо времето да го губат пред компјутери и во обложувалници и да чекаат лесна добивка на пари, да најдат работа.

„Да одат на работа, а не да губат таму време. Работа има за сите и за пензионерите, и за млади и за возрасни“

„Младите да одат на работа, да работат, да бидат добри.“

„Ма никако кладилница. Само со пот пари се заработуваат“, велат анкетираните граѓани.

Токму отворањето на обложувалница во близина на училиштето и на општината во гостиварско Врапчиште ги алармираше дел од граѓаните да излезат на улица и преку протест да побараат нејзино затворање.

Верица Павлоска

Shpërndaj me