16-годишнината од Рамковниот договор ја одложи денешната расправа за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски. Иако според првичната одлука седницата требаше да продолжи и денеска, спикерот Талат Џафери ја презакажа за утре. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивното однесување во собраниската сала зависи од односот на претседателот на Собранието.

„Ставот и политиката на ВМРО-ДПМНЕ се јасно искажани на сите прес-конференции, но и јавно се гледаат во самите настапи на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.” – изјави Славе Трпевски, ВМРО-ДПМНЕ

Ќе продолжи стратегијата на реплики и контра реплики?

“Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ зависи и од тоа како ќе се постави господинот Талат Џафери кон ова отворено прашање.“ – одговори Трпевски

И вчерашниот ден во Собранието помина во реплицирање помеѓу пратениците на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ иако бараше од Антикорупциска да го толкува изборниот законик, одговор од оваа институциија се уште нема. Опозицијата ја брани тезата дека разрешувањето на Зврлевски во предизиборен период е спротивен со членот 8А од Изборниот законик, кој ВМРО-ДПМНЕ го толкува дека забранува разршувања во предизбори. Инаку, првиот човек на антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, е поранешен донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Пред пет години во партиската каса донирал илјада евра.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me