ВМРО-ДПМНЕ ја критикува политиката на Владата за стопирање на изградбата и за уривање на споменици од проектот Скопје 2014. Според нив, СДСМ уништува личности кои претставуваат различни заедници, како што е споменикот на Мајка Тереза. Од партијата велат дека доколку се вратат на власт, ќе го изгради сето тоа што СДСМ ќе го урне.

„Ова е знак дека владата тоне во безидејност и Македонија ја втурнува во уште подлабока криза. Во такви околности очекувано е неспособната влада на Заев да не се обидува да ги реши вистинските проблеми, туку да се занимава со деконструкција на веќе изградени објекти и со спречување на изградбата на споменикот на Мајка Тереза која е гордост и за Албанците и за Македонците. Се што неспособната влада на Заев ќе урне во овој период, ВМРО-ДПМНЕ ќе го изгради со враќањето на власт“. – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Работната група за утврдување на последиците од проектот Скопје 2014 која е формирана во во рамки на министерството за култура ги изготвува елаборатите за сите споменици на овој проект, кои подоцна ќе се достават за разгледување на владина седница. Координаторот на работната група, Мирослав Грчев вели дека досега во министерството за култура ги доставиле елаборатите за Александар, Ќосето и за споменикот на Мајка Тереза во изградба, а наскоро се очекува за завршат елаборатите и за останатите споменици. Тој инсистира дека повеќето од спомениците од проектот Скопје 2014 се незаконски поставени.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, вчера рече дека го чека извештајот од работната група за проектот Скопје 2014 кој потоа ќе го достави за разгледување во владата. Според него, со проектот Скопје 2014 се прекршени многу законски постапки. Според мрежата за истражувачко новинарство БИРН, минатата влада потрошила 33 милиони евра за 34 споменици од проектот Скопје 2014.

Бесијан Лека

Shpërndaj me