Од Нова Година дизелот, мазутот и екстра лесното масло за домаќинство со повисока акциза. Дизелот ќе биде поскап за 3,54 денари по литар. Целта е со овие пари да се наполни буџетот за да се финансираат новите трошоци. Од Министерството за финансии велат дека сакаат и да влијаат на намалување на загадувањето на воздухот. Дел од парите од поскапиот дизел, ќе се трошат на изградба и ревитализација на патишта. Министерот Драган Тевдовски тврди дека ова поскапување нема да го отвори инфлаторниот вител.

Не очекуваме дека ова ќе доведе до инфлаторен притисок, бидејќи нафтата е еден дел од енергенсите заедно со струјата и тие во цените учествуваат со десет проценити. Ова што ние го даваме како предлог се однесува само на нафтата, не на бензинот и не на струјата. Јавноста треба да биде мирна, не очекуваме никакво инфлаторно придвижување.“ – изјави Драган Тевдовски – министер за финансии

Буџетот за 2018 – та година ќе тежи цели 3 милијарди и 440 милиони евра. Од повисоките акцизите сакаат да соберат дополнителни 26 милиони евра. Буџетскиот дефицит ќе биде 300 милиони евра. Нешто што не го кажаа на денешниот брифинг, но и подоцна на презентирањето на Буџетот, беше тоа дека токму денеска се упати повик до странските банки за издавање на нова Еврообврзница во првото тримесечје од наредната година. Од Финансии велат дека нема одлука на Владата за нова еврообврзница, но дека доколку се издаде ќе биде за финансирање на буџетскиот дефицит, за каматите на земени кредити и за враќање на заемот ПБГ од 95 милиони. Инаку, каков ќе биде Буџетот за наредната година денеска го слушнаа стопанските комори, синдикатите и невладините организации. Тие побараа објаснување зошто во Буџетот нема да има пари за делницата Скопје – Блаце, дали ќе има К – 15 за јавниот сектор, зошто растат платите само на наставниците од основното и средно, а не и од високо образовните институции. Економските експерти предупредија дека со вака скроен Буџет платите ќе растат, но, добрата и услугите ќе опаѓаат и тоа според нив е голем ризик.

Ако може елаборирање подетално во делот на платите односно зголемувањето.“ – рече Марјан Николов – Центар за економски анализи

Буџетираме повисоки плати за тие што ни заминуваат, доктори, медицински сестри, како и за детски градинки, основно и средно образование.“ – посочи Тевдовски

Најголем дел од расходите се токму за исплата на плати и пензии, социјална и детска заштита или вкупно 32 отсто од вкупните расходи. 19 отсто се за економски развој и финансиски работи, 14 отсто за здравството, а 11 отсто за образование, наука и спорт.

Верица Павлоска

Shpërndaj me