Собраниската Комисија за одбрана и безбедност, во отсуство на ВМРО ДПМНЕ, даде зелено светло по првото читање на пакет законите за реформи на системот за прислушување и на МВР. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги увери членовите на комисијата дека Предлог – законот за следење на комуникациите и строгата контрола на вработените во безбедносните служби и во новата Оперативно техничка агенција – ОТА, ќе оневозможи злоупотреба на системот за прислушување. Понатаму Спасовски објасни дека ОТА ќе биде само пренесувач на телекомуникациските сигнали од надлежниот орган кај операторот и обратно, и дека истата нема да има пристап до содржината на прислушуваните материјали.

Членот на Комисијата за одбрана и безбедност, Горан Мисовски не ја исклучува можноста за злоупотреба во ОТА, но тој истакна неколку причини зошто тоа не би се случило.

Инаку, пратеникот на ДУИ, Ејуп Халими рече дека системот на ОТА ќе ги оневозможи злоупотребите како порано. Халими рече дека Предлог – законот за ОТА има потреба за некои исправки, но рече дека ќе ги дебатираат за време на второто читање.

„Се гледа дека некаде постои простор за технички исправки, но верувам дека во другите комисии ќе бидат разгледани и со амандмани на комисијата или на пратениците, ќе се исправат сите оние пропусти кои може би поради технички причини се направени.“ – изјави Ејуп Халими, ДУИ

Откако првото читање на Предлог – законот ќе помине на парламентарна седница во понеделник, повторно ќе се врати во Комисијата за одбрана и безбедност на второ читање, за разгледување на можните амандмани. Предвидено е ОТА целосно да ги преземе сите надлежности кои до сега ги имаше УБК за следење на телекомуникациите. Моделот кој е избран е хрватскиот, но експертите за безбедност неколку пати искажаа загриженост во врска со можноста за злоупотреба на прислушувањата, како што се случило во минатото. Сепак, во Предлог – законите за следење на прислушувањата не се потенцираат критериумите за профилирање на вработените, селекцијата и филтрирањето на нивниот потенцијал при приемот во УБК или другите институции на тајната служба во рамките на новата Агенција. Од МВР не известуваат колку вработени ќе има Агенцијата и колку ќе чини основањето и нејзиното функционирање. Претходно, министерот Спасовски рече дека е убеден дека ниту една институција не ќе може да прима податоци и прислушувани материјали од Агенцијата, без судски налог за тоа. Институцијата која бара мерка прислушување од ОТА, нема да има информации за барањата на другата институција за следењето на одредени броеви и не ќе може да направи размена на информациите добиени од страна на Агенцијата.

Бесијан Лека

Shpërndaj me