Владата ветила едно, а до Собрание доставила друго законско решение за минимална плата објавија денеска од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство. Од таму велат дека иако претходно на Социо – економскиот совет било договорено од Предлог законот да биде изваден делот дека услов за работникот да добие минимална плата е нормиран учинок, тоа не било направено. Претседателот на СИЕР Пеце Ристески вели дека со оставањето на овој, за нив спорен дел, им се остава можност на газдите законски да не им исплаќаат минимална плата на работниците под изговор дека работниците од текстилната или кожарската индустрија не исполниле норма односно учинок. Ова значи дека нема да добијат минимална плата од 12 илјади денари.

„Повторно е вратен минимален учинок, кој воопшто не дава гаранција дека овој минимален доход ќе биде исплатен. Има милион начини со кои работодавачите кои се склони кон злоупотреби и непочитување на Законот ќе најдат начин. Работничките или ќе паѓаат на машини за да стигнат до тој нормиран учинок или ќе мора прекувремено да доаѓаат и во сабота за да ги земаа тие 12 илјади денари.“- вели Пеце Ристески – СИЕР

Претседателт на Сојузот на синдикати Дарко Димовски за Алсат М вели дека тие уште пред неколку дена испратиле допис до министерката Царовска и побарале платите на работниците од текстилната, кожарската и дрвната индустрија да не зависат од учинокот кој им го поставува газдата. Од министерството за труд и социјала со став дека Државниот инспекторат на трудот ќе биде на терен за да утврди дали се почитува законот.

„Нормираниот учинок ќе треба да биде остварлив за минимум 80 отсто од вработените. А секој работник на крајот на месецот ќе треба да има и потврда за остварен нормиран учинок заедно со писмена пресметка на плата.“ – велат од МТСП

Инаку, од Конфедерацијата на слободни синдикати упорно бараат покачување за 19 отсто на платите во јавната администрација. Сметаат дека јавната администрација треба секогаш да зема повеќе плата од приватниот сектор.

„Согласно минималната плата, порано никогаш не беше доведена во состојба да биде над платите на носителите на дејноста во јавната администрација и над основните коефициенти за пресметка на плата на колективните договори.“ – изјави Благој Ралповски – претседател на Конфедерација на синдикати

Од КСС велат дека ако власта нема слух за нивните барања можни се и протести.

Верица Павлоска

Shpërndaj me