Нема бегање од ребаланс на буџетот. Токму тоа ќе биде една од првите работи со кои ќе треба да се зафати економскиот тим на идната Влада, најавуваат од СДСМ. Според партијата, тоа е неопходно да се направи, со оглед на тоа што постоечкиот буџет не бил поддржан од нивните пратеници и што е уште поважно приоритетите на нивната Влада ќе бидат сосема поинакви од оние на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Основно е дека ќе мора најпрво идната влада да направи прераспределба внатре во буџетот. На некој начин да ги одложи или да ги пренамени средствата кои се трошеле непотребно досега и да ги насочи кон стопанството“, рече Кире Наумов, претседател на Комисија за финансии на СДСМ.

Актуелниот министер за финансии, Кирил Миноски тврди во моментов нема потреба ниту од ребаланс на буџетот, ниту за дополнително задолжување.

„Исто така и за еврообврзница во моментот сметам дека не постои потреба. Постои доволно ликвидност на домашниот пазар и наплатата на приходите е на соодветно ниво“, изјави Кирил Миноски, министер за финансии.

Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, главен мотив за ребаланс не е финансиската кондиција во која тој се наоѓа државната каса, туку програмските приоритети на новата Влада.

„Сигурно дека ребаланс ќе биде неопходен токму од таа перспектива дека новата Влада ќе сака во него да ги имплементира политиките за кои се залагаше и во изборната кампања и оние кои ќе сака да ги води како своја вкупна економска политика. Тоа неопходно ќе има рефлексија и на страната на приходите и на страната на расходите така што сметам дека ребаланс ќе мора веднаш да се направи“, оценува Петрески.

Собирањето на пари за во буџетот имаше мало потфрлање во првиот квартал годинава. Од даноци и придонеси се собрани 4,7 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, но проекцијата беше дека овие приходи ќе имаат раст од околу 10 насто.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me