Секретаријатот за европски прашања и Министерството за надворешни работи формираа заеднички работни групи со Министерството за надворешни работи на Грција со цел директно да преговараат во врска со предлозите за решавање на името. Ова за Алсат М го потврди и вицепремиерот Бујар Османи.

Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања:
Заедничката оценка е дека е дојдено време за интензивирање на процесот и на ниво на директно координирање меѓу двете влади, што се однесува до ова прашање, но и другите теми од заеднички интерес. Формиравме заедничка работна група меѓу Секретаријатот за европски прашања и грчкото Министерство за надворешни работи за соработка на полето на интеграциите и слично меѓу двете МНР – а за прашањето на името. Верувам дека ова ќе му даде дополнителен импулс на овој процес кој треба да заврши со затворање на спорот.“

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за Ројтерс изјави дека овие работи групи се очекува да се сретнат набргу, во февруари. Додаде дека е свесен за големата одговорност што ја носи.

Од друга страна, во Грција синоќа продолжи дебатата на телевизијата ЕРТ. Поранешната министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, меѓу другото ја изрази својата недоверба кон Владата во однос на можниот предлог за кој преговара, а заменик министерот за одбрана, Димитрис Вицас побара доверба за процесот.

„Не и верувам на оваа Влада, бидејќи има министри на кои не им беше проблем името „Демократија за Македонија“, тогаш кога ние се боревме во Букурешт. Додека Владата го третира, ова ќе заврши лошо. Оваа Влада нема хомогеност и не се обидува да обезбеди национален консензус, не можеме да се бориме заедно за да ги заштитиме националните интереси“, изјави Дора Бакојанис, поранешна министерка за надворешни работи.

„Позицијата на грчката влада и тоа што доаѓа во преговорите е комплексно име со географска одредница за сите употреби. Тоа е позиција на Синасписмос од 90 – те години“, рече Димитрис Вицас, заменик-министер за одбрана.

Во среда во Њујорк, преговарачките групи ќе се сретнат со посредникот на ООН, Метју Нимиц. На средбата се очекува страните да понудат предлози, а Нимиц иницијална рамка за решавање на спорот.

Анеса Алити

Shpërndaj me