Работници од „Фени” кои изминативе денови протестираа поради две неисплатени плати, денеска го ставија протестот во мирување. Претседателот на Синдикатот Ѓоре Палитов информира дека вчера, по блокадата на патот Градско-Прилеп, разговарале со стечајниот управник.

– Денеска најверојатно ќе ни се исплати ноемвриската плата, а за октомври ќе мора да пријавиме како побарување заедно со к-15, така е договорено. Народот се уште не е смирен, ама ситуацијата е статус- кво. Да видиме, ако ја дадат платата ќе разговараме, ако не, најверојатно пак ќе протестираме, нагласи Палитов и додаде дека парите се легнати на сметката на комбинатот.

Според него, службите ја обработуваат платата. – Најдоцна до утре, до 9 -10 часот ќе ја добиеме. Но службеничката тука ги прави сите напори да се исплати уште денеска, соопшти Палитов.

Стечајниот управник на Фени Индустри Мирослав Анастасиевски денеска преку соопштение информира дека по добивањето на решението од Основниот суд Велес, доверителите подносители на пријавата за стечај ги депонирале потребните средства на сметката на компанијата. 

Shpërndaj me