Околу 130 илјади работници во септември ќе земат плата од 12 илјади денари. Предлог-измените во Законот за минимална плата поминаа на синоќашната седница на Владата, а наскоро се очекува да бидат на дневен ред и во Собранието. Идејата е со буџетски пари да се субвенционира покачувањето на сите плати кои моментално се пониски од 12 илјади денари без разлика за кој сектор се работи.

Ангел Димитров, Организација на работодавачи:

„Оценуваме дека законот нема да предизвика поголеми проблеми во неговото спроведување. Исто така, Владата прифати да се формира комисија која ќе работи на решавање и подобрување на состојбата на најинтензивните работни дејности и прекинување на процесот на деиндустрализација во земјава.“

Но, економскиот аналитичар Фатмир Бутуќи вели дека ваквиот модел на субвенционирање на платите не е добар. Имено, ова значи дека секој даночник мора да субвенционира плата на некој друг кој работи во приватниот сектор.

„Тоа што тука треба да го истакнеме и што мислам дека продолжува да биде само популистичка мерка е дека ова минимално покачување сега, вака како што е проектирано, ќе видиме како ќе го проектираат во 2018-та година, се прави со субвенционирање на државата. Обично во економијата ние велиме дека ова не е достоен модел кога државата ја субвенционира платата на работници во приватниот сектор бидејќи реално тоа расипува одредени релации кои сакаме да ги зачуваме како здрави во економијата и бизнисот да го носи товарот на платата“, рече Фатмир Бутуќи- економски аналитичар.

Моментално, во Македонија пониска плата од 12 илјади денари земаат околу 20% од вкупниот број на вработени. Во меѓувреме, најпроблематично се очекува да биде кај текстилниот и кожарскиот сектор.

Мелихате Рустеми

Shpërndaj me