Првата средба меѓу лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети по добивањето на мандатот, заврши без многу детали за медиумите околу прашањата за кои се разговарало. Во заедничкото соопштение на партиите се вели дека било дискутирано за принципите врз кои ќе се темели соработката.

„Теми за кои се разговараше на средбата беа принципите на соработка, реформската Влада и интеграциите во Европската Унија и во НАТО. Во наредниот период ќе се интензивираат динамиката и разговорите меѓу двете партии, вклучително и со партиите што дадоа поддршка за состав на новата Влада, по што ќе се премине на конкретните решенија за ресорните министерства.“ – гласи заедничкото соопштение на ДУИ и СДСМ

По средбата Заев – Ахмети која траеше околу 2 часа, портпаролот на СДСМ рече дека сите ја поддржуваат идејата за брзо формирање на новата влада , но според него, тема на разговор не била поделбата на министерските ресори.

Сè уште не се знае кога ќе почнат средбите на работните групи на четирите политички партии кои се очекува да седнат на заедничка преговарачка маса. За тоа дали Беса ќе биде дел од идната влада, ќе зависи од преговорите на мандатарот Заев со оваа партија која има неколку услови, меѓу кои е и преиспитување на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.  Алијансата за Албанците го чека враќањето на лидерот Зијадин Села кој е на рехабилитација надвор од државата, а за понеделник е најавена и негова прес-конференција.

Фатлуме Дервиши

Shpërndaj me