Пратениците отидоа на одмор без да си го олеснат џебот од високите надоместоци за патни трошоци. Во понеделник народните избраници ќе се вратат на работните места и 71 од нив кои живеат надвор од Скопје повторно ќе почнат да доставуваат патни налози. Во изминатиот период на годишно ниво се трошеа и над еден милион евра народни пари за да се покријат овие трошоци.

Иако Државниот завод за ревизија во три извештаи посочи дека овие суми се нерелано високи, Собранието не пристапи кон измени на правилата за исплата на патните трошоци. Пратениците мора да бидат свесни дека овие пари треба да се користат економично и дека ги плаќаат даночните обврзници на една сиромашна држава, вели Марјан Николов од Центарот за економски анализи.

Средствата од даночните обврзници не служат за богатење и не служат за дополнителен приход во куповната моќ на функционерите туку служат за реално покривање на одредени трошоци кои што тие би ги направиле вршејќи ја нивната должност“, вели Марјан Николов, Центар за економски анализи.

Актуелните правила предвидуваат исплата на максимум 30 отсто од цената на литар бензин по минат километар. Тоа значи пратеник што патува од Охрид, во моментов за еден ден би наплатил околу 6.400 денари.

Јавниот сектор мора да биде изедначен со приватниот сектор. Не смее на било кој пазар иако овде има одредени пазарни неуспеси, не смее да има привилегирани на пазарот. Ако има привилегирани на пазарот, тоа е повик за дискриминација и за дисторзии на самиот пазар“, додава Николов.

СДСМ на почетокот на август предложи четири алтернативи кои предвидуваат или намалување на патните трошоци или пратениците да преспиваат во Скопје за што исто така би добивале надоместок. Се чекаат ставовите на другите пратенички групи, со цел законот да влезе во собраниска процедура. Дотогаш пратениците ќе продолжат да инкасираат и до 1.000 евра месечно само за патни трошоци.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me