Просечната плата и потрошувачката кошница пораснале за приближно иста сума во изминатите шест години. Платата за 2.570 денари, а трошоците на живот кои ги пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија за 2.256 денари. Ова значи дека со просечна плата денес може да се купи приближно исто толку колку и во 2011 година. Но, оваа кошничка обезбедува доволно само за „крпен“ живот. Околу 13.000 денари за храна, 10.500 за домување, по околу 2.000 денари за хигиена, превоз и облека. Според Милан Живковиќ од Фондацијата „Фридрих Еберт“, сумата од 32.000 денари не ги одразува реалните потреби на едно четиричлено семејство, бидејќи дел од неопходните ставки не се внесени во неа.

“Средства за кредити, средства за кирија, средства за училишни прибори, средства за некои дополнителни активности во сферата на културата или пак годишните одмори, тие не се внесени во оваа потрошувачка кошница. Од тие причини мораме да кажеме дека ситуацијата е повеќе поразителна од она што е прикажано во изминатите 7-8 години.” – изјави Милан Живковиќ, Фондација Фридрих Еберт

Само 16,8 проценти од населението може да си ги задоволи сите потреби во текот на еден месец, вели Благица Петрески од Finance Think. Преживувањето од први до први е исклучително тешко за побројните домаќинства.

“Најголем дел од населението во Македонија е во ниско платежните сектори и заработува релативно многу ниска плата. Доколку сакаме на среден и на долг рок да го решиме овој проблем треба да се фокусираме на страната на платите кои што се заработуваат односно да мотивираме и да поттикнеме работни места кои што се повисоко платежни.” – вели Благица Петрески, Finance Think

Статистиката говори дека околу 70 отсто од вработените во државата месечно заработуваат помалку од 18.000 денари. Според податоците на Светската банка, 30 отсто од населението живее во сиромаштија односно со помалку од пет долари на ден.

Мирко Трајковски

Shpërndaj me