Владата на Никола Груевски потрошила 225 милиони евра буџетски пари за 25 претпријатија странски директни инвеститори. Со овие пари се вработиле само 20 илјади работници од кои поголем дел биле преземени од некои од домашните претпријатија. Ова го утврдила анализата на Владата по декласифицирање на документите за привлекување на странските инвеститори. Според Анализата на трошоците – наспроти резултатите од странските директни инвестиции во Македонија, во периодот од десет години еден вработен кај странски инвеститор ја чинел државата по 11 илјади евра. Од вкупната државна помош и трошоци, директно на сметките на странските компании им биле префрлани близу 26 милиони евра неповратни пари. Од даночно и царинско ослободување пак Македонија изгубила околу 70 милиони евра, пари кои можеле да легнат во државната каса. Која компанија колку пари ќе добие одлучувале министри, советници, и промотори. Се преговарало во четири очи, субвенциите се исплаќале во готово.

Ова е сумираниот резултат по декласифицирањето на договорите склучени во затворен круг и биле затворени за јавноста. Договори со кои се игнорирало македонското стопанство. Сакаме да појасниме дека не постоел документ или водич со јасни критериуми за преговарање или барем ние не го најдовме. Преговарале министри, советници, промотори, а кога ги завршувале приговорите владата на Никола Груевски ги класифицирала договорените работи и ја обезбедувала тајноста на истите.“ – изјави Миле Бошњаковски – портпарол на Влада на РМ

За креирање на работни места биле потрошени 14 милиони евра, но сите компании не ја добивале истата сума. Некои од странските претпријатија добивале по илјада евра од работно место некој пак дури 11 илјади евра неповратни средства. За обуки пак на сметките на странските компании директно од државната каса биле исплатени пет милиони евра. И во овој случај немало правила, некои добиле по 100, а некои компании и по три илјади евра за обука по вработен. Она што е спорно е и тоа што само еден отсто од потребните суровини и материјали биле набавувани од домашните претпријатија. Бошњаковски вели дека странските инвеститори на кои не им се завршени договорите ќе продолжат да цицаат пари од државниот Буџет, затоа што според Владата не е исплатливо да се раскинат овие договори. Од Владата најавуваат дека во наредните денови ќе се презентира и анализата на што и како се трошеле 130 милиони евра државни пари за привлекување на странски инвестиции. Владата најави и нов пакет модел за привлекување на инвестиции, но и изедначување на домашните со странските инвеститори.

Верица Павлоска

Shpërndaj me