Блиските луѓе на поранешниот лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Антонио Милошоски, Илија Димовски, Трајко Вељановски, Никола Поповски, денеска одбија да зборуваат и да објаснат за тоа која ќе биде нивната улога во партијата. Вчера тие останаа надвор од составот на Извршниот комитет на партијата.

Единствениот кој одговори е Илија Димовски, кој кратко кажа дека не сака да ја коментира, барем денеска, одлуката на Централниот комитет. Отстранувањето на досегашните истурени играчи не претставува опасност за раздор во партијата, вели новоизбраниот член на Извршниот комитет, Костадин Богданов од редовите на Реформаторите на ВМРО ДПМНЕ.

На вчерашната седница на Централниот комитет на партијата, беше одлучено дека поранешниот директор на ЈСП Игор Јанушев ќе биде генерален секретар, а за потпретседатели се избрани Александар Николовски, Митко Јанчев и поранешниот министер Владо Мисајловски. Меѓу новите членови во Извршниот комитет се Влатко Ѓорчев, Трајко Славески, Тони Михајловски, Даниела Рангелова, Александар Николовски, Ана Лашковска и Коце Трајановски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, не ја отфрли можноста дека освен сегашните 26 членови, Извршниот комитет во иднина да се прошири и со други имиња. Кадровските промени се направени кога пратениците на ВМРО – ДПМНЕ го бојкотираат парламентот се до ослободување на членови на партијава кои се во притвор. Наскоро ВМРО –ДПМНЕ ќе го смени статутот на партијата, по урнекот на европските сестрински партии.

Бесиан Лека

Shpërndaj me