Најголемиот дел од потребните пари за задолжување Владата мора да ги позајмува од домашните кредитори, а да го намалува надворешното финансирање. Ова е ставот на дел од универзитетските професори околу најавата за нови задолжувања на државата за наредната година. Според професорот Никола Поповски најавеното ново задолжување од 670 милиони евра во 2018 – та година е всушност земање нови кредити за исплаќање на стари.

„…Тоа, знаете, како е…Се задолжувате денеска со 300 милиони, за месец дена враќате стари долгови од таа сума и нетото е нула. Останува само новиот долг, а тоа е околу 2,7 отсто од БДП“, рече Поповски.

Поповски препорачува да се следат проекциите и да се намалува јавниот долг.

„Во наредните три до четири години ако намалуваме по еден отсто годишно и да имаме помал дефицит, а стапката на раст на БДП малку да се зголемува. Значи статистички по двата основа ќе го кратиме. Ќе расте БДП, а ќе се намалува новото задолжување и би се вратиле некаде на 35 до 40 осто и тоа треба да се одржува и во наредни пет години“, додава Поповски.

Според податоците објавени во предлог-буџетот за догодина, на странските кредитори ќе треба да се вратат 170 милиони евра, а 200 милиони изнесуваат обврските на државата кон домашниот финансиски пазар.

Верица Павлоска

Shpërndaj me