Над 740 илјади евра, новата влада скрати од буџетот на основното јавно обвинителство за догодина. Со новиот буџет за 2018-та година редовните обвинители ќе работат со помалку пари. Тековнава година, Основното обвинителство располага со 11 милиони и 700 илјади евра, додека идната година ќе можат да потрошат 10 милиони и 990 илјади.

Во буџетот за следната година минимално повеќе пари ќе има за судската власт, односно само 174.000 евра плус. Помалку пари се планираат и за Министерството за правда, односно минус 360 илјади евра. Сепак, премиерот Зоран Заев уште од сега не ја отфрла можноста со ребаланс на буџетот за догодина.

„Знаете дека долг период нема вработувања или пополнувања на работни места. Тој резервоар на пари останат е таму. Нека се доекипира и судството и правосусдството по одлуки, независни на неговите раководни органи, да ги следиме реформите, ребалансите на буџетите се отворени идната година.“ – изјави Зоран Заев, премиер

Намалување има и во владините програми за јакнење на правото. Инаку, токму правосудниот систем постојано е критикуван во сите релевантни меѓународни извештаи. Во наодите на германскиот правен експерт Рајнхард Прибе, освен што беше нотирано политичкото влијание во овој сектор, беше нагласено и дека од државната каса се одвојуваат малку пари за правосудството.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me