Ветувањата за повисока минимална плата потиснати од политичката криза. Иако и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во предизборието најавија гарантирана плата од 12.000 денари уште во 2017 година, реализацијата на ова ветување нема да зависи само од новата влада, туку и од синдикатите и работодавачите. Мора да најдеме решение кое ќе доведе до повисоки плати, но во исто време да не предизвика отпуштање работници поради зголемените трошоци за фирмите, вели претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

„Минималната плата мора да биде донесена само врз база на консензус или сеопфатна дискусија помеѓу социјалните партнери. Не може да ја донесе ниту сама владата, ниту сами работодавачите, ниту сам синдикатот…“ – изјави Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи

Од Сојузот на синдикатите на Македонија бараат да се утврди генерална стратегија за раст на платите во државата. Според нив, мора да има јасни криетериуми за тоа која професија колку ќе биде платена.

„Има голема нееднаквост помеѓу секторите и дејностите и платите кои ги земаат работниците во различни сектори и дејности, а станува збор за еднаква работа така што сакаме тој принцип кој го градиме во Европската конфедерација на синдикати, за еднаква работа – еднаква плата, да го инаугурираме на некој начин и во Република Македонија.“ – вели Живко Митревски, претседател на ССМ

СДСМ вети минимална плата од 16.000 денари до 2020 година, а во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за истиот период е запишана сумата од 14.000 денари.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me