Екипата на битолски Пелистер е новиот освојувач на фудбалскиот Куп на Македонија.

Пелистерци попладнево во финалето на националниот куп кое се одигра на стадионот „Младост“ во Струмица,  ја совладаа тетовска Шкендија со 4:3 по подоброто изведување на пенали.

Регуларните 90, а потоа и дополнителните 30. минути немаше голови односно резултатот беше 0:0.

Во пенал рулетот фудбалерите на Шкендија не реализираа два удара, а пелистерци еден, по што во решавачката петта серија Баже Илиоски беше сигурен егзекутор поставувајќи ги конечните 4:3 за Пелистер.

За битолчани ова е втор трофеј во Купот на Македонија откако пред 16 години, односно во 2001-година во финалето ја совладаа Слога Југомагнат со 2:1.

Со овој успех Пелистер обезбеди место во квалификациите за Лига Европа во кои ќе настапи и тетовскиот тим, како и трето пласираната екипа во шампионатот, место за кое се борат Работнички и Ренова, додека Вардар ќе не претставува во квалификациите за Лигата на шампионите.

Shpërndaj me