„Патот на Арб’р“ не треба да биде приоритет ниту на македонската, ниту на албанската влада. Ова е ставот на дел од експертите по најавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, дека ќе бара од неговиот колега Зоран Заев, оваа делница да се гради како автопат и во Македонија. Универзитетскиот професор Вулнет Палоши смета дека двете земји со оваа делница нема да имаат големи придобивки. Дневно низ овој пат во земјава минуваат помалку од пет илјади  возила. Палоши предлага фокусот да биде ставен на модерно поврзување со Албанија преку Струга.

„Би сугерирал на маса да бидат ставени попривлечни проекти за кои ќе се дискутира. На пример од Блато односно Ќафасан до Елбасан, тој дел од автопатот да биде приоритет за Албанија и Македонија да го гради делот од Струга до Ќафасан автопатска делница. Оваа е таа точка која автопатски треба да се реши“, рече Вулнет Палоши- универзитетски професор.

Премиерот Заев пак, запрашан денеска од Алсат да ја коментира изјавата на Рама, кратко ни одговори:

Ќе видиме што е економично, исплатливо и најлогично. Тоа ќе го правиме…“

Експертите препорачуваат Владата забрзано да ги изгради делниците Гостивар – Кичево и Кичево – Охрид затоа што токму овие патишта ќе овозможат брз проток на стока и услуги. А, дека не е во план делницата кон Дебар да биде автопат, за Алсат М потврдуваат и од Државното претпријатие за патишта. Директорот Зоран Китанов вели дека сите досегашни анализи не покажале економска оправданост. Китанов вели дека оваа делница се рехабилитира, но нема да се гради автопат.

Државно претпријатие за патишта:

Моментално се рехабилитира постоечкиот пат од Дебар до граничниот премин Блато. Во септември го потпишавме договорот избран е и изведувачот на рехабилитацијата на овој пат.“

Сега се работи на обнова на патот од месноста Бошков мост до Дебар, по што ќе следи и третата фаза односно до граничниот премин со Албанија. Новата делница „Патот на Арб’р“ на „Самитот 100“ во Скопје ја најави премиерот на Албанија Еди Рама. Оваа делница во Албанија се гради со пари од Кинеската народна банка, а новиот пат треба да го скрати патувањето од Тирана до преминот Блато кај Дебар на само 70-ттина километри.

Верица Павлоска

Shpërndaj me