По изборите во Косово време е да почне имплементирањето на договорот од Брисел меѓу Белград и Приштина, кој досега не е спроведен во целост, изјави денеска во Њујорк, раководителот на Мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК), Захир Танин при претставувањето на тримесечниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за состојбата во Косово.

– Сите страни мора да ја одиграат својата улога, изјави Танин на седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на Косово.

Тој го поздрави интегрирањето на 40 српски судии и 13 обвинители во косовскиот правосуден систем, но нагласи дека се уште не е формирана Заедницата на српски општини, како што е договорено во Брисел.

Според Танин, нема доволно волја да се реализира овој дел од договореното, кој Србија го смета за најважна точка од договорот од Брисел.

Танин оцени и дека дијалогот меѓу двете страни бил закочен поради парламентарните и локалните избори на Косово.

Авганистанскиот дипломат воедно ја поздрави иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за внатрешен дијалог во Србија по прашањето на Косово, како и одговорот на албанскиот премиер Еди Рама дека Албанија и Косово би учествувале во таков дијалог.

На седницата свои ображања имаа и српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, како и косовската амбасадорка во САД, Влора Читаку.

Според Дачиќ, неопходно е Србите протерани од Косово да се вратат во своите домови, да им се врати нивниот имот и да им се гарантира правото на сопственост, како и да се формира договорената Заедница на српски општини.

Shpërndaj me