На Македонија досега ù пропаднале околу 400 милиони евра од предвидените 660 милиони од програмата Ипа 1 на Европската Унија. Тоа значи дека државата искористила помалку од 40% од нив. Ова беше соопштено денеска на средба на граѓански организации во Охрид, а на која се бараа решенија за проблемите со кои се соочуваат при аплицирање за европски проекти.

„..Многу слаба искористеност има во компонентата 5 или Ипард, а тоа е рурален развој, каде секоја година има повраток на 14-15 милиони евра на годишно ниво, средства кои се враќаа во буџетот на ЕУ“. – изјави Александар Колекески, НВО „Евро тинк“

„Во секторот земјоделство и рурален развој посотојат индивидуални земјоделци кои се опираат на било што ново. Мора да се работи со нив, но очи во очи. Има проблеми, но на локално ниво да дојдете да стапите во контакт со луѓе кои се научени работите да ги работат како досега.“ – вели Ана Чоловиќ Лешоска- Центар за истражување „Еко свест“

Повеќе фактори се значајни за ниската искористеност на европските пари. Меѓу другото, тука се приоритетите на владата, админстративните капацитети на институциите, како и сложената техничка документација потребна за аплицирање за европските проекти. Инаку, сега е веќе во тек периодот на користење и на средства од програмата Ипа 2, која е со важност до 2020 година и за која на располагање се ставени околу 660 милиони евра.

Мики Трајковски

Shpërndaj me