На 11 и 12 декември во Брисел, Метју Нимиц ќе ги седне македонските и грчките преговарачи за разликите околу името. Но, во соопштението од Обединетите нации нема конкретни детали дали Нимиц ќе има заеднички или одвоени средби со претставниците на двете земји и дали во игра влегува евентуално негово нов предлог-решение.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, денеска при посетата на СВР Скопје истакна дека Брисел очекува институциите да покажат посветеност и резултати поврзани со реформите и другите отворени прашања и ако се случи тоа, следната година би имало добри резултати.

На новинарско прашање дали е можен меѓународен притисок за Грција да дозволи влез на државава во НАТО под привремената референца од Обединетите нации, односно поранешна југословенска Република Македонија, Жбогар одговори:

Нема решение кога едната страна е задоволна, а другата не е и сите компромиси се засновани на тоа двете страни да го прифатат решението. Ова е единствениот начин да се дојде до долгорочно решение…“, рече евроамбасадорот Жбогар.

Во однос на зачестените контакти меѓу Македонија и Грција, Симонида Кацарска од Институтот за европски политики, коментира дека станува збор за позитивен исчекор. Сепак, таа не очекува да се дојде до некаков епилог за името во првата половина на следната година.

Од наша страна очекуваме дека барем дел од условите кои Република Македонија ги имаше во однос на препораката за почеток на преговорите со ЕУ во однос на напредокот во однос на политичките критериуми, ќе биде отстранет до април, меѓутоа тешко е да видиме дека дотогаш ќе се види решение за името кое ќе се рефлектира во препораката, што значи веројатно дека препораката повторно би била условена“, оценува Кацарска.

Најавата за средба во Брисел доаѓа ден после работната посета на солунскиот градоначалник во Скопје. Јанис Бутарис дури и го покани премиерот Зоран Заев да ја дочека новогодишната ноќ токму во Солун, евентуално заедно со неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.

Shpërndaj me