Адвокатите на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро, очекуваат правично судење од новиот судечки совет предводен од судијата Огнен Ставрев. Процесот започнува од почеток, откако Врховниот суд ја укина пресудата на пониските судови и го врати предметот во Кривичниот суд.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ е убеден дека можат да докажат дека обвинетите не се поврзани со масакрот кој се случи пред речиси шест години.

„Повторното судење значи почеток, во делот на изведување на доказите, во делот на сослушувањето на сите сведоци, почеток во делот на изведување на материјалните докази, почеток во делот на изведување на вербалните докази, значи комплетно постапката почнува одново“, вели адвокатот Алиспахиќ.

За Алсиспахиќ, одлуката Врховен да ги укине пресудите на пониските судови, е доволен доказ дека постапката се водела со сериозни пропусти во одлучувањето како на Кривичниот така и на Апелациониот суд.

„Главниот моментум е во неприкажувањето на патничкото моторно возило Опел Омега, кое што навистина обвинителството тврди дека е клучен доказ, а ние како одбрана ја немаме видено воопшто, потоа контрадикторните изјави на заштитениот сведок и уште многу други пропусти за кои што во претходната постапка и покрај нашите укажувања судот остана на ставот дека треба да бидат осудени“, додава Алиспахиќ.

Откако Врховен ја укина пресудата за „Монструм“, од затвор беа ослободени тројца од обвинетите, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Сами Љута. Тие имаат обврска два пати неделно да се јавуваат во суд и забрана да го напуштат Скопје. Во претходната судска постапка обвинетите беа осудени на доживотен затвор, а двајцата првоосмничени избегаа. На товар им се става петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, каде беа убиени четири момчиња и еден рибар.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me