100 лица организирани во 10 работни групи ќе ја следат реализацијата на планот „3-6-9”, во рамките на новосоздадениот систем за мониторинг, спроведување и информирање. Вицепремиерот за европски прашања истакна дека тромесечниот план вклучува вкупно 73 мерки.

„Планот во првиот квартал предвидува 73 мерки во 11 полиња. Најмногу има во судството, некаде околу 13 мерки, 11 за локалните избори, 9 за Собранието и останати кои треба да се реализираат. Целта на оваа тематска трибина е да се претстави системот за имплементирање на овие 73 мерки, за што е потребна поддршка од невладиниот сектор, од сите. Системот ќе го координира Секретарот за европски прашања и јас како координатор на овој план“, рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Вицепремиерот Османи уште еднаш истакна дека темата на евроинтеграциите треба да се сфати како натпартиска, надетничка и наднационална. Граѓанскиот сектор пак, бара соработката со Владата да се институционализира, а не да се остава на добра волја.

„На почетокот на јули група од 73 организации го ревидираа овој документ, значи се вклучија 126 експерти и видовме дека треба да се подготват мерки од 3-6-9 до 12 месеци приоритети. Полињата се проширија од тоа што иницијално започна. Сега имаме покриено 15 полиња, од деветте почетно покриени“, рече Ардита Абази, Институт за европска политика.

Вицепремиерот Османи уште еднаш повтори дека Владата ќе работи паралелно на две насоки. Првата е реализирање на Планот 3-6-9, а втората се меѓуетничките односи и односите со соседните земји, каде освен законот за албанскиот јазик кој ќе биде усвоен во овој квартал, се вклучува и Договорот за добрососедство со Бугарија и чекори за решавање на прашањето на името со Грција.

Анеса Алити

Shpërndaj me